12 часа на Селечка

12-hour run или 12 часовно трчање е предизвикот кој го реализираше Марио Котески. 12 часовното трчање претставува форма на ултрамаратон каде што целта е да се поминат што повеќе километри и/или да се искачи што поголема висинска разлика во тек од 12 часа.

Предизвикот најчесто се реализира со поминување на една иста зададена патека, повеќе пати. За конкретниот предизвик, патеката од манастирот „Св. Димитрија“ с. Селце до планинарскиот дом „Томе Темелкоски“ и назад  има должина од 5.7км и нешто повеќе од 500м искачување.

За 12 часа, Марио успеа да помине 53км и да искачи 4629м. Тој ја помина патеката 9 пати. Во движење помина 9 часа и 20 минути, а додека во одмор 2 часа и 40 минути.

Марио има 21 година. Тој е репрезентативец на Македонија во ориентација во категорија сениори.  


Кога првпат започна со трчање? Дали претходно тренираше друг спорт?

Марио: Почнав да трчам во 2012 год., поточно тогаш се зачленив во ОК Златоврв, клуб за ориентација. Во ориентацијата, физичка подготвеност е од голема важност, па оттука се роди и љубовта кон трчањето.

     Претходно тренирав фудбал, ракомет и кошарка. Бев успешен играч, но некако не се пронајдов во тимските спортови.


Кога започна со посериозни тренинзи за трчање?

Марио: Првата планинска трка, Krali Marko Trails ја истрчав во 2014 год., на 15 годишна возраст. Патеката е со должина од 16 километри и 800м искачување. Ја поминав за 2ч. и 37мин. и завршив на 37мата позиција. Претходно немав некои посебни тренинзи. Во 2016 година, после две години правилен тренажен процес, истата патека ја поминав за 1ч. и 39мин. и се пласирав на 7мото место, неполна минута зад второпласираниот. Во тој момент сфатив дека посветеноста и дисциплината се главните фактори за успех!


Што е тоа што те поттикна на овој предизвик, 12 часовно трчање?

Марио: До идејата дојдов една недела пред самата реализација, како последица на последователните откажани натпревари. Оваа година имав успешен тренажен процес и сакав да ја крунисам сезоната со предизвик на своја рака.

     Во текот на зимскиот период и во првите месеци на оваа година, тренирав претежно на рамно и асфалт, целта ми беше да постигнам лични рекорди на полумаратон и брзински трки, но поради пандемијата, натпреварите беа откажани. Од месец април ставив поголем акцент на планинското трчање. Тоа ми даде некаква сигурност дека сум спремен за ваков сериозен предизвик.


Што се спаѓа во опремта што ја користеше?

Марио: Користев најосновна опрема за трчање: шорцеви, дрес, шушкавец, треил патики, челна ламба за последните 3 часа, стапчиња за планинарење и ранец за трчање.


Исхрана и течности во текот на овие 12 часа?

Марио: Се трудев да внесувам доволно шеќери, сол и магнезиум. Јадев протеински барови, овошје, јаткасти плодови и чипс. Од страна на течности пиев многу вода, Кока-Кола, електролити и она што ме врати во живот некаде на пола предизвик, топлата супа! Супата беше совет од Дејан Тодевски, кој неодамна го реализираше предизвикот 24-hour run.


Што ти се вртеше во главата во текот на тие 12 часа? Каде ја пронајде мотивацијата за ваков потфат?

Марио: Мотивацијата е главен двигател за секој спортист. Ова прашање секогаш ми е тешко да го одговорам затоа што мотивацијата секогаш ја најдувам во различни нешта. Љубовта кон природата, планините, желбата за успех, чувството на слобода, се едни од нештата коишто ме движат секојдневно, па така и сега.

     Конкретно во овие 12 часа водечки мотив ми беше да не се разочарам самиот себе, сакав крајот на оваа, за мене успешна година, да го крунисам со предизвик кој не може да биде реализиран на натпреварите.

     Голем мотив беа и лицата кои ми пружија целодневна поддршка на терен, ме бодреа и беа клучен фактор за успехот.

     Во текот на дванаесетте часа, секое поминување на патеката го доживував различно, секое едно беше приказна за себе. Еден час бев ведар и насмеан, друг час истоштен. Секое качување со различни луѓе, различни теми на разговор, различни временски услови!

     Два пати се соочив со грчеви во нозете, поточно на десниот лист. Вториот пат болката ме загрижи. Грчевите ме успорија, но ниту еднаш не се посомневав дека  успешно ќе го завршам предизвикот.

     Низ главата воглавно ми се вртеа мисли околу крајната бројка на поминати километри и искачени метри, и постојано пресметував колку пати би се искачил и спуштил со моменталната брзина.


Дали беше 100% сигурен во реализацијата на проектот? Дали имаше моменти кога мислеше дека целите ти се превисоки или кога сакаше да се откажиш во текот на предизвикот?

Марио: Како што потенцирав, од месец април, континуирано тренирам на планина и оваа година ми е рекордна кога се во прашање истрчани километри и искачени метри D+, што ми беше предзнак дека сум подготвен за ваков тип на предизвик. Бев 100% сигурен дека нема да се откажам, тоа беше доволно.


Кои беа твоите очекувања и дали ги исполни? Какво е чувството?

Марио: Искрено, не очекував дека ќе ја поминам патеката 9 пати, целев на 7. Очекував да бидам многу поисцрпен, но на крајот позитивно се изненадив  што ги надминав своите очекувања и уште еднаш си докажав дека со вистинска посветеност нема простор за неуспех. Се чувствував победнички и бев пресреќен за мојата прва ултра. Завршив насмеан, радосен, нормално бев многу гладен и уморен но тоа не претставуваше проблем во тој момент на среќа. Како што велат: „Секој крај, нов почеток!“, што значи дека овој предизвик е само увертира во ултра трчањето.


Дали имаше реакции и какви беа, на лицата кои те пресретнаа? 

Марио: Првите три пати искачував сам, без придружба, но не се чувстував така затоа што Селечка во неделата “вриеше” од луѓе. На секое симнување и качување имаше по неколку нови групи кои планинареа по Селечка. Луѓето кои ќе ме прашаа што правам, најпрво беа зачудени, па потоа нормално ми посакуваа успешна реализација и ми честитаа за храброста и за лудоста.


Која е најдолгата дистанца што претходно си ја истрчал? Спореди ги овие две искуства.

Марио: Најдолга дистанца што претходно сум ја истрчал е на трката Belasica Sky Ru, 34км со 1750м висинска разлика. Искуствата се тотално неспоредливи, поради концептот на настаните, различните временски услови, разликата во подготвеноста, искуството итн. Проектотот ‘12-hour run’ е временски подолг, изминав подолга дистанца и искачив повеќе метри. Belasica Sky Run ќе ја издвојам како најбрутално мое искуство во планинското трчање. Поради екстремно лошите временски услови, сериозно размислував да се откажам околу дваесеттиот киломентат, додека во 12 часовното трчање, во ниту еден момент не помислив на откажување!


Кои спортисти од македонската и интернационалната сцена се твои мотиватори и те инспирираат?

Марио: Ги има повеќе и ги следам секојдневно. Од нив учам, се мотивирам и нормално сонувам дека еден ден ќе стојам рамо до рамо со нив на стартните линии. Ако мора да се издвои, од светската сцена нормално живата легенда, Килијан Жорнет, а од македонската, тука се: Александар Стојкоски, Александар Кирковски, Жикица Иваноски.


Кои се твоите краткорочни и долгорочни цели?

Марио: Моментално, поради пандемијата, немам краткорочни цели. Сите натпревари се откажани, така да, не се спремам за нешто конкретно.

     На долгорочен план, тука се големите натпреварувања во ориентација, Светско првенство (WOC) , Европско првенство (EOC). Од страна на планинското трчање, би сакал еден ден да трчам на најпрестижната планинска трка, Ultra Trail du Mont Blanc (UTMB), со должина од 171km  10.000м висинска разлика. Патеката поминува низ француските, италијанските и швајцарските Алпи. Нормално, во долгорочни цели ги сместувам и ваквите лични предизвици, па во наредните години се надевам на 24-hour run , Everesting итн.


И за крај, помина повеќе од една недела од реализацијата на педизвикот. Како се чувствуваш деновиве? Колку време е/ќе биде потребно за регенерација?

Марио: Денот после предизвикот, буквално не можев да се симнувам по скали, но сега сум веќе добар, одморен и веќе одработив неколку тренинзи.

Skopje Open results & split times<<

About the author : OK Zlatovrv

Leave a Reply

Your email address will not be published.